Историјат на општина Свети Николе

 

Свети Николе како населба датира уште од античкиот период, а во самиот град се најдени артефакти дури и од далечниот неолит. Првобитно населбата била лоцирана североисточно од денешната црква „Свети Стефан“, но поради мочурливото земјиште и несоодветните услови за живот, кон крајот на 3 век пред н.е. населбата била дислоцирана на десната страна на денешната Светиниколска река, во месностите: Рудина, Свети Спас и денешно Рецко маало во градот. Најверојатно старото име на населбата било Пробатон, што околу седмиот век било променето во Овче Поле.

Во средновековните пишани извори Овче Поле како населба (со тврдина во него) и како област се споменува во 13 век. Во 1246 година Никејската војска, покрај другите места во Македонија, го завзела и Овче Поле. Во вековите подоцна, како и тие претходно, многу владетели ја менувале власта врз оваа огромна македонска котлина.

Во 1292 година во населбата која сеуште го носи името Овче Поле, била изградена црквата посветена на чудотворецот Свети Николај, а многу веројатно е дека за оваа градба влијание имала уште постара црква посветена на чудотворецот. Населбата Свети Никола се споменува и во записи од 14 век, но и вековите подоцна. Во пописниот тапу дефтер на Ќустендилскиот санџак од 1570 година, денешно Свети Николе е именувано со Исви Никола. Во пописниот лист се регистрирани две маала – бузук, големо и кучук, мало маало, како и посебно село Свети Никола. Трите населби броеле 317 семејства со околу 1600 жители. Во втората половина на 17 век турскиот патеписец Евлија Челебија два пати престојувал во Свети Никола и во својот патепис зборува за две населби – Овче Поле и Килисали (населба покрај црква, црквино). За време на турското владеење населбата била со две имиња, Свети Никола за македонското христијанско население и Килисали за турците.

Дури во средината на 19 век, населбата Свети Никола добила пазарен ден и прераснала во градче. Градот тогаш почнал популациски да расте и во 1900 година броел околу 2500 жители.