Географска положба

Територијата на  Општина Свети Николе се поистоветува со познатата област “Овче Поле”, односно таа го зафаќа најголемиот простор на ова поле кое му припаѓа на сливот на Светиниколската река или “Азмак”, десна притока на Брегалница.

Како средишен дел на Овче Поле општината се граничи со повеќе општини: Пробиштип, Кратово,  Куманово, Петровец, Велес, Лозово, Штип и Карбинци.

Овчеполската котлина е специфична по своето настанување и морфолошка структура. Таа во целата своја површина не е наполно рамна, затоа нејзината надморска височина изнесува 200 до 400 метри. Најголемата надморска висина не изнесува повеќе од 900 метри. Највисоки места се: Градиште кај Ѓуриште 861 м, Врв – северозападно од село Павлешенци 789, Венец – Северозападно од село Трстеник 762, Свети Јовански рид кај село Богословец 755, Манговица – помеѓу село Горно Ѓуѓанци и село Макреш 741, Голем осој – помеѓу село Макреш и село Орел 734, Челебинско трло – североисточно од село Патетино 731, Камене Страге – пресекот помеѓу село Макреш и село Ранченци и село Немањици и село Патетино 717 и др.

Овче Поле со својата конфигурација и географска поставеност е изложено на континентални и медитерански климатски влијанија.

Надморската висина се движи од 238 мнв до 786 мнв. на највисокиот врв на опкружувачките ридести возвишенија. Најголемиот дел од територијата на општината се простира на висина од 250 до 320 мнв.

Ова подрачје се карактеризира со сеизмичка активност изложена на дејство и на подалечни земјотреси. Свети Николе спаѓа во епицентралните подрачја со појава на локални земјотреси со интензитет од I до VII степен по MSK скалата.

Просторот на општината Свети Николе зафаќа површина од 480 км2 и се вројува меѓу најголемите општини во Републиката. Но токму поради тоа густината на населеноста не е така голема, односно изнесува 38,5 жители на 1,0 км2.

Во рамките на Општината се наоаат 34 населби но постојани се 32 заедно со централното место Свети Николе (раселени се стара и нова Мездра), а тоа се: Алакинце, Амзабегово, Арбасанци, Богословец, Буриловци, Горно Ѓуѓанце, Долно Ѓуѓанце, Горно Црнилиште, Горобинци, Долно Црнилиште, Ерџелија, Кадрифаково, Кнежје, Крушица, Макреш, Малино Мечкуевци, Мустафино, Немањица, Орел, Павлешенци, Патетино, Пеширово, Преод, Ранченци, Сопот, Стануловци, Стањевци, Строиманци, Трстеник.

Во општината Свети Николе е мошне неповолна состојбата на селата според големината на бројот на жителите.

Така во 1994 год. 27 села биле мали, со помалку од 300 жители од кои пак 22 имале дури помалку од 100 жители. Само 2 села се средни по големина и 2 населби се големи со повеќе од 800 жители, што значи дека и во оваа рамничарска општина е нужна пупулациска ревитализација на селата.

Според пописот од 2002 година 24 села се мали со помалку од 300 жители, од кои 18 имаат помалку од 100 жители. Само две села имаат над 800 жители и се поголеми. Загрижувачки е фактот дека осум од селата имаат под 10 жители и две се евидентирани како селски населби, но истите се раселени.

Со оглед на рељефната структура најголем број села и тоа 17 се рамнински, 14 се ридски додека нема ниту една планинска населба.

 

Климатските услови што го карактеризираат овчеполието се следните:

  • должина на сончев сјај ( сончеви денови 2391 час);
  • просечни мразни денови 77 ( најизразено во  јануари и февруари);
  • падавини: просечна годишна количина наврнежи 468мм/м2 и се движи од 333 мм/м2 до 587 мм/м2;
  • влажност средногодишна релативна влажност од 67% ( максимум во јануари 80% и декември 84 %, а минимум во август 52 % и јули 54%);
  • постојани ветрови и тоа:

а. северен со просечна честост од 188% и постојана брзина од 4,6 мс, дува скоро преку целата година.

б. Северо- западен ветер со честост од 127% и просечна брзина од 3,9 мс.

 

Самиот град се простира покрај регионалниот пат Куманово – Штип

(од северната до источната страна на градот, а останатаото поврзување се врши со локалниот пат Свети Николе- Овче Поле, поврзувајќи се со регионалниот пат Штип- Велес, потоа преку поврзувањето преку Горобинци – Петровец- Скопје патен правец кој е изграден со карактеристики на локален пат.

 

Преку урбана средина Свети Николе ги има постигнато позитивните начела за добро урбано поставување на една населба и тоа:

  • издвојување на домување со индустрија;
  • добра поставеност во однос на ружата на ветрови;
  • во однос на  течението на речните текови во контекс на домувањето и индустријата;
  • релјефната поставеност, зафаќајки ја средната височина, за поставување на една населба;
  • сообраќајна поврзаност со поблиските урбани населби и регионот;

Градот Свети Николе согласно постојниот ГУП зафаќа 328 ха и е поделен на неколку зони:

  1.  Зона на домување;
  2. Зона на индустрија;
  3. Зона на мало стопанство;

Површината што ја зафаќа ГУП за град Свети Николе е 427 ха од кои припаѓаат на:

  • Домување 154, 8 ха;
  • Општи функции 84, 5 ха;
  • Сообраќај 101, 8 ха;
  • Стопански дејности 78,9 ха;
  • Сообраќајни објекти 7,0 ха;