Општина Свети Николе со особена чест и задоволство ја информира јавноста дека е избрана да стане дел од новата генерација на глобалната програма Bloomberg Philanthropies Youth Climate Action Fund, иницијатива која ги поддржува локалните самоуправи во вклучувањето на младите во креирање и спроведување климатски решенија.
Со ова, Свети Николе се приклучува на глобална мрежа од 300 градови и општини од целиот свет кои активно работат на поттикнување на иновации и климатски активности во своите заедници.
Програмата обезбедува финансиска и техничка поддршка за општините со цел да организираат локални повици за младински климатски иницијативи. Младите на возраст од 15 до 24 години ќе имаат можност да предложат сопствени идеи и проекти кои придонесуваат кон подобрување на животната средина и климатската отпорност на локално ниво.
„Ова е важна можност за младите луѓе од Свети Николе и регионот да предложат конкретни, спроведливи идеи кои директно ќе ја подобрат нивната непосредна околина – без разлика дали станува збор за зеленило, рециклирање или друга локална климатска активност. Целта е преку микро-грантови да им овозможиме на младите сами да го спроведат тоа што го гледаат како проблем во нивната населба или училиште,” изјави Дејан Владев, градоначалник на Општина Свети Николе.
Најдобрите предлози ќе бидат поддржани преку микро-грантови, а нивната реализација ќе се спроведува во партнерство со Општина Свети Николе. Покрај финансиската поддршка, програмата обезбедува и експертска помош, менторство и размена на добри практики со останатите градови учесници.
Оваа можност се надоврзува на неодамна подготвената Климатска стратегија за отпорност на Општина Свети Николе, која ги поставува локалните приоритети за справување со климатските предизвици и за градење поотпорна заедница. Преку Bloomberg Philanthropies Youth Climate Action Fund, дел од овие приоритети ќе се преточат во практични младински иницијативи, со што младите ќе добијат активна улога во спроведувањето на локалната климатска агенда.
Досега, преку Youth Climate Action Fund, повеќе од 300.000 млади од пет континенти создале над 1.600 зелени јавни површини, засадиле повеќе од 1,8 милиони растенија и 235.000 дрвја, воспоставиле речиси 5.000 градини, отвориле 268 компост станици и собрале повеќе од 185 тони отпад и материјали за рециклирање, оставајќи видливи и долгорочни придобивки во своите заедници.
Во наредниот период Општина Свети Николе ќе ги подготви сите активности поврзани со спроведувањето на програмата, по што ќе биде објавен јавен повик со информации за начинот на аплицирање, условите за учество, критериумите за избор и временската рамка за реализација на младинските проекти.
Ги охрабруваме сите млади жители на општината да ги следат официјалната веб-страница и социјалните мрежи на Општина Свети Николе, каде што навремено ќе бидат објавени сите информации поврзани со програмата и можностите за учество.
Со учеството во Bloomberg Philanthropies Youth Climate Action Fund, Општина Свети Николе уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон одржливиот локален развој, климатските политики и активното вклучување на младите како двигатели на позитивните промени во заедницата.










