На ден четврток, 05.02.2026 година, во салата на Советот на Општина Свети Николе беше организирана средба за социјален дијалог, односно настан на тема „Учење преку работа кај работодавач“.
Настанот беше во организација на Одделението за Локален економски развој и Јавни дејности во соработка со СОУ Кочо Рацин Свети Николе, како дел од планираните активности во делот на Поддршка на развојот на МСП и претприемништвото од ПРОГРАМАта за активностите на Општина Свети Николе во областа на Локалниот економски развој во 2026 година, како и како дел од „Учење преку работа кај работодавач“ односно законските обврски согласно Законот за стручно образование и обука .
Главна тема на средбата беше унапредувањето на дуалното образование односно средното стручно образование во Општина Свети Николе како и креирање на образовни профили кои се потребни на компаниите и локалниот бизнис сектор.
На самата средба учество зедоа Претставници од Општина Свети Николе, СОУ Кочо Рацин, Локални компании, и Центарот за вработување Свети Николе.
Пред одржувањето на настанот беа спроведени низа подготвителни активности од страна на Одделението за локален економски развој и јавни дејности и СОУ „Кочо Рацин“, и тоа:
- анализа на досегашната вклученост на компании и ученици во дуалното образование за претходните учебни години;
- анализа на компании кои можат да учествуваат во дуалното образование согласно постојните струки и образовни профили во СОУ „Кочо Рацин“;
- доставување покана за настанот и анкетен прашалник до компаниите, со цел утврдување на нивниот интерес за вклучување во процесот на дуално образование, како и можниот број ученици за реализација на практична настава;
- преку Покана за настан „Учење преку работа кај работодавач“ – Социјален дијалог, беа повикани и сите други заинтересирани страни да земат учество.
Исто така, беше изготвена и дескриптивна анализа на пазарот на труд на локално и регионално ниво, која од страна на претставници на Одделението за локален економски развој и јавни дејности беше презентирана пред присутните, акде во самата анализа составен дел беа:
- понудата на пазарот на трудот, преку анализа на невработените активни баратели на работа по категории;
- побарувачката на пазарот на трудот, преку анализа на бараните вработувања според занимања и степен на потребно знаење;
- потенцијалот за продуцирање кадри, преку анализа на образовните институции во Општина Свети Николе; како и
- јазот помеѓу понудата и побарувачката според занимање и образование.
На самиот настан, преставниците од СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе, Жаклина Милошева и Игорче Николов ги презентираа претходно преземените чекори во насока на анализа на потребите од дуално образование, досегашните резултати од имплементацијата на дуалното образование, како и идните планови на училиштето.
Своите искуства и практични согледувања во однос на стручното образование ги споделија и претставниците на локалните компании.
Преку размена на искуства и предлози, учесниците дадоа конкретни насоки за подобрување на образовните профили и создавање подобри можности за младите, со цел зголемување на нивната вработливост. Воедно, беа донесени заклучоци за надминување на проблемите и недостатоците со кои чинителите се соочувале во претходниот период, како и за преземање соодветни чекори за насочување и информирање на учениците и нивните родители при изборот на средно образование.









