Почитувани граѓани,
Со особено задоволство Ве информираме дека Општина Свети Николе, во партнерство со Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Свети Николе, успешно ja заврши првата фаза од проектот за воспоставување на социјалната услуга „Помош и нега во домот“. Во рамките на оваа фаза беа реализирани сите предуслови за воспоставување на услугата – адаптација и опремување на просторот, обезбедување на потребната опрема и материјали, избор и обука на негуватели, како и исполнување на законските и организациските услови за нејзино спроведување.
Сега започнува втората фаза од проектот – непосредно обезбедување на услугата „Помош и нега во домот“, која ќе им биде достапна на старите лица, лицата со здравствени потешкотии, лицата со намалена подвижност и другите граѓани на кои им е потребна ваков вид поддршка.
Целта на услугата е да обезбеди полесен, побезбеден и подостоинствен живот во домашни услови, преку навремена и професионална поддршка при извршување на секојдневните активности.
Услугата опфаќа:
- помош при извршување на секојдневните активности;
- поддршка при движење и основна лична грижа;
- помош при организирање и реализирање на секојдневните обврски;
- континуирана поддршка за семејствата кои се грижат за своите блиски.
Оваа услуга има за цел да им обезбеди на корисниците поголема сигурност, достоинство и подобар квалитет на живот, а истовремено да им ја олесни секојдневната грижа на нивните семејства.
📍 Услугата е достапна за сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат УСЛОВИТЕ за користење на услугата.
📞 За повеќе информации и пријавување, обратете се во канцеларијата на Црвениот крст – Свети Николе (Филип Втори 38-а)кај секретарот Анета Јорданова или јавете се на телефон 071 240 050.
Заедно градиме заедница во која грижата и солидарноста се достапни за секого.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ КОИ КОРИСНИКОТ ТРЕБА ДА ГИ ДОСТАВИ
ЗА СОЦИЈАЛНАТА УСЛУГА ПОМОШ И НЕГА ВО ДОМОТ
Корисникот на услугата поднесува следна документација:
☐ барање за користење на социјалната услуга помош и нега во домот – достапно во канцеларијата на Црвен крст Свети Николе;
☐ важечка лична карта за државјанин на РСМ, дозвола за постојан престој на странецот, како и за брачен другар, родители, деца и/или други роднини со кои живее во заедничко домаќинство;
☐ мислење од матичен лекар за потребата од помош и нега при остварување на основни активности во домот;
☐ пополнет образец „Индекс Кац на независност во остварување на активностите од секојдневниот живот“ од матичен лекар;
☐ пополнет образец „Скала Лотон-Броди за инструментални активности од секојдневниот живот“ пополнува Центар за Социјална работа;
☐ пополнет образец „Листа на активности за остварување на услугата помош и нега во домот“ пополнува Центар за Социјална работа;
☐ отпусно писмо со специјалистички извештај и/или друга медицинска документација и/или наод и мислење за видот и степенот на попреченоста за барателот и неговиот брачен другар, родителите, децата и/или други роднини со кои живее во заедничко домаќинство;
☐ изјава дадена пред нотар, или пред службено лице во Центарот дека нема склучено договор за доживотна издршка, односно покренало постапка за раскинување на склучен договор за доживотна издршка.








