Почитувани сограѓани,
Општина Свети Николе, согласно Локалниот еколошки акционен план, ја спроведува мерката за подигнување на јавната свест за редовно одржување и чистење на индивидуалните ложишта. Со оваа иницијатива се стремиме да го подобриме квалитетот на воздухот, да го намалиме ризикот од пожари предизвикани од неисчистени оџаци и горилници и да ја зголемиме безбедноста на сите граѓани.
Во 2023 и 2024 година, ТППЕ Свети Николе имала вкупно 15 интервенции поврзани со неисчистени и неисправни оџаци, што довело до значителни ризици по безбедноста на домаќинствата.
Како што може да се види од овие бројки, неисчистените и неисправни оџаци и горилници се причина за овие интервенции. Овие инциденти ја нагласуваат потребата за редовна проверка и чистење на вашите системи за греење.
Ве повикуваме:
- Доколку не сте извршиле редовна проверка и чистење на вашите оџаци и горилници пред почетокот на грејната сезона истото да го направите во текот на грејната сезона во зависност од временските услови како и задолжително и по завршувањето на грејната сезона.
- Да ги одржувате димоводните канали во исправна состојба, за да се намалат емисиите на јаглерод моноксид и други штетни материи.
- Со редовно чистење, да ја намалите можноста од појава на пожари кои може да предизвикаат сериозни последици за вашиот дом и околината.
МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ
- Ангажирајте стручно лице: За чистење на оџаците и проверка на горилниците, повикајте сертифициран оџачар или лице со познавање.
- Не користете влажно дрво: Влажното дрво произведува поголема количина на саѓи кои можат да се акумулираат во оџакот.
- Проверете го оџакот за оштетувања: Пукнатини или блокади можат да предизвикаат враќање на чадот во вашиот дом или пожар.
- Не плашете се да ги замените старите уреди: Доколку горилниците или печките се стари и неефикасни, заменете ги со модерни, енергетски поефикасни модели.
- Никако не го палете отпадот: Весници, пластика, гуми или отпад од мебел создаваат опасни гасови и ја зголемуваат опасноста од пожар.
- Држете противпожарен апарат: Во случај на несакани последици, добро е да имате противпожарен апарат во близина на ложиштето.
- Внимавајте на вентилацијата: Осигурајте се дека просторијата каде што се наоѓа ложиштето е добро проветрена за да избегнете акумулација на опасни гасови.
Очекувани придобивки од вашата поддршка:
- Почист воздух во нашата општина.
- Намалување на ризикот од појава на пожари.
- Зголемена безбедност за вас и вашите семејства.
- Подолг век на траење и безбедност на уредите за греење.
Ајде заедно да се грижиме за нашето здравје, нашата безбедност и нашата животна средина!
Општина Свети Николе






