Општина Свети Николе започнува акција за идентификување, евидентирање и отстранување на отпадни и напуштени моторни возила кои се оставени на јавни површини и го попречуваат нормалното користење на јавниот простор, одвивањето на сообраќајот и одржувањето на јавната чистота.
Акцијата ќе се спроведува во соработка со колективен постапувач, Министерството за внатрешни работи и преку урбаните и месните заедници, со цел подигнување на јавната свест за правилно постапување и рециклирање на отпадните моторни возила, како и за зачувување на чиста и здрава животна средина.
Што претставува отпадно возило?
Отпадно возило е возило чија употребна функција престанала и кое крајниот корисник го исфрла, има намера да го исфрли или од него се бара да го исфрли, вклучувајќи ги и сите негови составни делови и материјали кои во моментот на исфрлање претставуваат дел од отпадното возило.
Како ќе се спроведува акцијата?
Во рамките на акцијата ќе се преземаат следните активности:
- отпадните и напуштените возила ќе бидат идентификувани, мапирани и евидентирани во соодветна база на податоци;
- за мапираните возила ќе се побараат информации од Министерството за внатрешни работи за утврдување на сопственоста;
- согласно добиените информации, инспекциските служби ќе преземаат соодветни дејствија и ќе поставуваат известување на возилото со рок за негово отстранување;
- сопственикот ќе биде известен согласно со утврдената постапка;
- доколку возилото не биде отстрането во дадениот рок, ќе следува понатамошна инспекциска постапка и преземање мерки согласно важечките прописи;
- по завршување на постапката, отпадното возило може да биде преземено и дислоцирано од овластен колективен постапувач на соодветно собирно место.
Апел до сопствениците на отпадни возила
Апелираме до сите граѓани на Општина Свети Николе кои се сопственици на отпадни, хаварисани или подолг временски период оставени моторни возила на јавни површини, истите доброволно да ги отстранат или дислоцираат во најкус можен рок.
Со навремено и доброволно отстранување на ваквите возила, граѓаните придонесуваат за почиста и побезбедна животна средина, подобро користење на јавниот простор и спречување на понатамошно загадување.
Во случај на непостапување, ќе се преземаат соодветни мерки и ќе се водат постапки согласно важечките законски и подзаконски прописи.
Граѓаните можат да пријавуваат напуштени и отпадни возила
Во рамките на акцијата, Општина Свети Николе ги повикува и граѓаните активно да придонесат во идентификувањето на отпадните и напуштените моторни возила.
Доколку забележите возило кое подолг временски период е оставено на јавна површина, е хаварисано, не е во возна состојба или постои сомневање дека претставува отпадно возило, можете да доставите пријава до Општина Свети Николе.
Пријавите ќе бидат разгледани од надлежните општински служби и, доколку се утврди потреба, ќе се преземат соодветни активности согласно утврдената постапка.
Да придонесеме заедно за почиста, побезбедна и поуредна Општина Свети Николе.
Акцијата за подигнување на јавната свест и апелирање за отстранување на хаварисани и отпадни возила е предвидена во Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) на Општина Свети Николе 2024–2030, во рамките на Акцискиот план, во тематската област „Отпад“.
Со реализацијата на оваа активност, Општина Свети Николе презема конкретни чекори за отстранување на хаварисаните и отпадните возила од јавните површини, подигнување на свеста кај граѓаните за правилното постапување со отпадните возила и придонес кон почиста и поздрава животна средина.
Превземи пријава – ТУКА












