Деновиве во Свети Николе на повеќе локации интезивно се изведуваат градежни работи. Во тек е голема експанзија на градежните работи на уличната инфраструктура како дел од четиригодишната програма на локалната самоуправа. Започна асфалтирањето на улиците „Цветан Димов“ и „Рахилка Гонева“ во должина од 630 метри, за што локалната самоуправа вложува над 7 милиони денари. Од овие улици извадена е коцката, поставени се нови водоводни линии и приклучоци за секое домаќинство, а сега се поставува и нов асфалтен слој на целокуната должина на споменатите улици. Инаку, во тек се работите и на улицата „Маршал Тито“ и „Плоштадот Илинден“ каде се подготвува поставување на нов асфалт на целокупната коловозна површина. Исто така, при крај се и подготвителните работи на улицата „Ангел Трајчев“ каде што е извршено вадење на коцката и поставување на нови водоводни инсталации. Се очекува овие градежни работи да завршат до крајот на месец ноември.