Во просториите на народната библиотека „Гоце Делчев“ денеска во Свети Николе се одржа првата сесија од Форумот на заедниците, на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој се спроведува во повеќе општини од нашава земја, имплементиран од УНДП, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. На сесијата зедоа учество околу 120 граѓани од бизнис заедницата, образованието, јавниот сектор, невладините организации, пензионерски здруженија и граѓани заинтересирани да учествуваат на овие сесии. Пред присутните се обрати градоначалникот на општина Свети Николе Сашо Велковски, кој истакна дека средствата во висина од 50 илјади швајцарски франци ќе бидат наменети за реализација на еден или два идејни проекти за кој ќе одлучат учесниците на сесиите и ќе бидат реализирани до крајот на месец Јуни. Реализацијата на проектите ќе придонесе за поголем социјален импакт, ќе обезбедат еднакви можности за жените и мажите, ќе воспостават партнерства помеѓу организации и граѓани и кои ќе бидат одржливи и по престанок на финансирањето на општината.