Со целовечерен концерт на градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ во амфитеатарот на МСУ „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе, беше одбележан јубилеј 50 години работа со мандолински оркестри на маестро Кирил Трајковски, под покровителство на Министерството за култура на РМ, локалната самоуправа на општина Свети Николе, Меѓународниот славјански универзитет и Домот на културата. Маестро Кирил Трајковски роден во Штип, каде се стекнува со образование во музичкото училиште и на педагошката академија во Скопје, ја гради својата кариера како успешен педагог, диригент и композитор. Во изминатите години, основал низа состави од жичани инструменти од Пионерскиот дом Штип, домот на културата во Свети Николе, во ООУ „Кирил и Методиј“, хорски и други вокални состави, тамбурашки оркестри, црковен хор. Како композитор се јавува на бројни аранжмани на филмска музика, популарни класични парчиња прилагодени за мандолински оркестри, а автор е на циклусот „Под источно небо“ – 10 суити за мандолински оркестар. На концертот по повод 50 годишниот јубилеј заедно со градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ настапија и членовите на Македонската филхармонија Васил Атанасов на обоа и Александар Гошев на хорна, како и членовите на мандолинскиот ансамбл „Елена Генова“ од Пазарџик и членови на мандолинскиот оркестар „Стефан Борилов“ од градот Сандански од Бугарија. На концертот присуствува голем број љубители на музиката и почитувачи на делото на Кирил Трајковски од Свети Николе и Штип, меѓу кои беа и градоначалникот на општина Свети Николе Сашо Велковски и диригентот Запро Запров.