Согледувајки ги потребите на жителите од руралните населби за современите интернет комуникации, општина Свети Николе започна со реализација на проект „Бесплатен интернет“, за повеќе селски населби.
Како што истакнува градоначалникот Зоран Тасев, во ова време граѓаните од било која населба да немаат пристап до интернетот како една од алатките за брза комуникација е голем хендикеп. Во селата има голем број на млади кои допрва треба да ги совладуваат ИТ- технологиите и комуникативните вештини и да имаат полесен пристап до социјалните мрежи кои станаа најголема глобална алатка за пристап и размена на информации. Секако дека и останатите жители во руралните населби имаат желба и потреба за користење на интернетот во секојдневните активности..
Со средства кои ги обезбеди општина Свети Николе, поставени се антени во седум села меѓу кои се Мустафино, Ерџелија, Кадрифаково, Пеширово, Амзабегово, Црнилиште и Горобинци, при што целосно се покриени со Wi-Fi сигнал и жителите безжично ќе можат да се поврзуваат на интернет мрежите. За таа цел, изработени се интернет картички со кодови кои се дистрибуирани преку месните канцеларии и заинтересираните граѓани ќе можат да ги користат.
Светиниколскиот градоначалник Тасев прави напори во наредниот период цела општина, односно и во најоддалечените рурални средини да овозможи бесплатен интернет за сите граѓани, со што ќе биде меѓу првите општини во нашава земја која интернетот ќе го направи достапен за сите 18 илјади граѓани.