Граѓаните на Свети Николе добија пешачка и велосипедска патека, средствата се неповратен грант од Програмата за рурален развој

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и  градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски денеска беа на увид на новата пешачка и велосипедска патека во Општина Свети Николе која веќе е готова и подготвена за користење.

Како што истакна премиерот Заев, станува збор за модерна и урбана зона, која е хортикултурно уредена со зеленило и претставува прекрасно место каде граѓаните ќе можат да се релаксираат.

Велосипедската и пешачка патека, води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во с.Кнежје и е долга околу 2.100 метри.

„За Владата на Република Северна Македонија програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки кои придонесуваат кон развој на прогресивното општество и овозможуваат стекнување и ширење на основните етички принципи особено кај младите луѓе. Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, по однос на здравјето и правилниот развој, а од друга,  ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати”, рече премиерот Заев.

Патеката е со вкупна вредност од околу 17 милиони денари, од кои пет и пол милиони денари кофинансира Општината Свети Николе. Останатите средства се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.

Градоначалникот Велковски, информира дека долж патеката се посадени 1.000 садници, а поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.

„Патеката веќе се користи што е потврда дека вакво место за релаксација беше потребно во нашиот град”, рече Велковски.

Средствата за овој но и за останатите два проекти кои ги има добиено општината се обезбедени од Програмата за рурален развој

Противпожарна единица

ТППЕ

Народен музеј

muzej bylazora