ОПШТИНСКИ УСТАНОВИ ОД ОБЛАСТА НА КУЛТУРАТА
ОУ Народен музеј Свети Николе
Ул. Плоштад Илинден бр. 18 тел ++389 32 443 610 факс: / e-mail: narodenmuzejsvnikole@yahoo.com www.muzejsvnikole.mk www.bylazora.mk
Зградата во која е сместена ОУ Народен Музеј Свети Николе е споменик на културата, изградена во периодот од 1924 до 1926 година од минатиот век. Објектот е изграден за потребите на тогашната општинска администрација, па затоа и го носи долго време називот стара општинска зграда. Автор на проектот е Арх. Проф. Сотир Томовски, еден од првите академски образувани архитекти од Македонија. Зградата е изградена во неокласичен стил, распространет во овој период на овие простори со цел што поголемо доближување до европските традиции и интензивирање на комуникациите со европските земји. Проектот говори за добро обмислен функционален објект за потребите на тоа време а со својата Архитектура станува знак и репер на централното градско подрачје. Во текот на експлоатацијата, како објект служи за сместување на општинските административни единици, подрачна единица на Министерството за труд и социјална политика и седиште на др. општествени организации. Формирањето на Општинската музејска збирка е во 1981 год. и се должи на селектираниот и презентиран археолошки материјал. Музејската збирка со зголемувањето на прибраниот материјал и фундус на предмети, прерасна во Народен Музеј – Свети Николе во 1994 год. Со Одлука на Собранието на Општина Свети Николе од Октомври 1991 година објектот е доделен на користење на тогашната музејска збирка, а сега Народен Музеј Свети Николе. За таа цел во Септември 1994 година изработен е проект за реконструкција и адаптација на просторот од страна на РЗЗСК на РМ. Целосно реновираниот и заштитен како споменик на културата на Р.Македонија, музејот е свечено даден на употреба, во Август 2002 год. Тој е со вкупна површина од 464 м2 корисен простор. Музејот ги содржи следните постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска, лапидариумот, како и просторот за повремени изложби и настани.
ОУ Дом на културата „Крсте Мисирков“ Свети Николе
ул. Плоштад Илинден бр. 32 тел.++ 389 32 442 733 / e-mail: dkkrstemisirkovsvn@yahoo.com
ОУ Дом на културата “Крсте Мисирков“ е општинска установа која е центар на сите активности и настани од културен карактер во општината и како институција е надлежна за презентација и промоција на локалното етнолошко културно наследство во земјата и во странство , поттикнување и развој на културата, особено на децата и младите, културно – уметничкиот аматеризам и објавување на културно – уметнички дела. Како центар на културата во градот и општината дава печат на современото културно живеење со своите разновидни и квалитетни културни содржини преку фолклорната, драмската, литературната, ликовната, киноприкажувачката и библиотечната дејност. Домот на културата е изграден во далечната 1969 година како прв АСНОМ Дом на култура и оттогаш па наваму успешно работи веќе над 50 години. На својата расположлива површина од 4000 м2 Домот има 2 сцени – поголемата со површина од 378 м2 и мала сцена со 20 м2. Од двете сали со кои располага Домот, големата сала брои 420 седишта, а малата сала има 120 седишта, 2 читални. Од 1982 година во рамките на Домот на културата е интегрирана и градската библиотека „Гоце Делчев“ – културно – образовна институција за вршење на библиотечна дејност со богат книжен фонд. На културната мапа во регионот и пошироко е препознатлив и по манифестации и фестивали кои ги организира меѓу кои: Меѓународен фестивал на изворен фолклор „Тодорица“, Ликовна колонија „Ѓуриште“, Шоу за деца „Ѕвездички“, во месецот на книгата манифестацијата „Книгата отворен прозорец кон светот“, Поетска манифестација „Пролет, љубов, смеа“, Саем на книгата, Светиниколско културно лето, Есенски културен бран и др.
КУЛТУРНИ МАНИФЕСТАЦИИ
Манифестација | Кратко резиме за манифестацијата | |
Меѓународен фестивал на изворен фолклор „Тодорица“ | Меѓународен фестивал на изворен фолклор „Тодорица“ кој традиционално се одржува на верскиот празник Тодорова сабота. На истиот учество земаат фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва (кои негуваат изворен фолклор) од Македонија и надвор од неа. Фестивалот е од награден карактер. | |
Априлијада | Денот на шегата – Април во Свети Николе посебно го одбележуваат децата, кои како симбол на радост и смеа, учествуваат на маскенбал во центарот на градот. Помладите ученици од основните училишта и децата од градинките, облечени во маски од нивните идоли и разни комични теми, дефилираат низ градот, пеат и предизвикуваат насмевка на сечие лице. | |
Поетска манифестација “Пролет, смеа, љубов” | По повод меѓународниот ден на книгата и авторското право, традиционално секоја година Домот на култура ја организира поетската манифестација насловена како “Пролет, смеа, љубов”,на која земаат учество членови на литературните клубови од цела Македонија. Манифестацијата е со натпреварувачки карактер и е вистинско уживање за љубителите на убавиот збор. | |
Шоу за деца „Ѕвездички“ Караоке и Плејбек | Општина Свети Николе во соработка со Основните училишта и ОУ Дом на култура „Крсте Мисирков“ организира Шоу за деца „Ѕвездички“ караоке – плејбек. Шоуто е со награден карактер, и децата се натпреваруваат во две категории: плејбек настап (поп – рок композиција по сопствен избор) со вокална изведба во придружба на оригиналната песна и сценски настап со сопствена кореографија; пеење во живо (поп – рок композиција, на матрица – по сопствен избор) и сценски настап со сопствена кореографија. | |
Саем на книгата Книгата – отворен прозорец кон светот | По повод Месецот на книгата 15 октомври-15 ноември се одржува Саем на книгата.На Сеамот со свои изданија земаат учество повеќе издавачки куќи од Републиката. Отворањето на Саемот е со традиционалната манифестација насловена како Книгата-отворен прозорец кон светот. На манифестацијата со свои прозни творби земаат учество ученици од Општинските основни училишта од нашиот град и с.Ерџелија како и членови на литературниот клуб при Домот. Манифестацијата е збогатена со музички точки на членовите на народниот оркестар при Домот. | |
Патрон на градот Свети Николе „Свети Николај“ Чудотворец Мирликијски | Во организација на локалната самоуправа во Свети Николе традиционално се празнува 19 декември „Свети Николај“, патрон и заштитник на градот Свети Николе. На овој верски празник во црковниот храм „Свети Николај“ во Свети Николе се одржува Свечена утринска литургија на која присуствуваат голем број на граѓани. За таа сел исто така се одржува „Свечена академија“ на која се доделуваат признанија за најзаслужните граѓани од Свети Николе, за нивниот придонес за напредокот и промоцијата на Свети Николе на полето на занаетчиството, музиката, литературата, спортот, културата итн | |
Ликовната колонија „Ѓуриште“ | Ликовната колонија „Ѓуриште“ има меѓународен карактер. Вообичаено се одржува на 21 септември на верскиот празник Мала Богородица на атрактивни природни локалитети во општината, каде творат ликовни уметници од Македонија и странство, во различни сликарски техники. Создадени уметнички дела од рацете на врвни мајстори, кои имаат посебно катче во Домот на Културата, каде се изложени за јавноста. | |
„14-ти Септември„ | „14-ти Септември„ – Се слави како ден на Ослободување на градот. Во чест на празникот се одржува пригодна свеченост со полагање на цвеќе на спомениците на загинатите борци од Свети Николе во НОБ и рецитали за оддавање на почит и потсетување за херојствата и жртвувањата на борците со потекло од Свети Николе, за ослободување од фашизмот. |