Вчера, со вечерна богослужба која се одржа во храмот „Свети Николај“ во Свети Николе со која чиноначалствуваше Митрополитот на Брегалничката епархија, Господин Иларион, започна празнувањето во градот, чиј заштитник и патрон е Свети Никола. Во рамките на прославата се одржа свечена академија на која градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, на заслужни граѓани и компании им додели плакети и признанија. За значајни остварувања и постигнувања во вкупниот општествен развој, унапредување на локалната самоуправа, заштита и унапредување на животната средина и во други области на животот и трудот, што претставуваат посебен придонес во вкупниот напредок и афирмација на општина Свети Николе, градоначалникот им врачи плакети на градежната компанија „Синохидро“ од Народна Република Кина, на композиторот и диригент Кирил Трајковски, на Иванка Митрова – Рабушчиска, професор по музика, Николетка Панева, наставник, Текстилната компанија „Дони- текс“ и земјоделската фирма „Поледелство“ – Ерџелија. Покрај тоа на голем број ученици од основните и средните училишта им беа доделени пригодни награди, а наставникот Иле Михајловски е прогласен за најдобар наставник за оваа учебна година. На академијата одржана по повод празнувањето на заштитникот и патрон на градот „Свети Николај“, настапија студенти од Музичката академина на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, како и младиот и талентиран пијанист Гоце Златев од Свети Николе.
Денеска по одржувањето на литургијата во Црквата „Свети Никола“, се одржа и литија низ улиците на Свети Николе, а пред постаментот на Свети Никола во центарот на градот беше пресечен славскиот колач. Во Домот на културата се одржа културно уметничка програма на која настапија членовите на Фолклорниот ансамбл „Јанко Глигоров“ , КУД „Санде Цветковски“ од Горобинци, како и победниците на фестивалот „Ѕвездички“. На градскиот плоштад за граѓаните и многубројните гости беше организиран славски ручек.