Преку програмата за санација на штетите од поплавите од 2015 година од страна на ЕУ, во период од две години во општина Свети Николе беа реализирани два проекта од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Едниот се однесува на изградба на мостот на светиниколска река во населбата „Ливади“ за што беа обезбедени околу 250 илјади евра и санација на браната „Мавровица“, за што се потрошени околу 340 илјади евра. Проектите се целосно завршени и предадени во употреба и како што истакнува градоначалникот на општина Свети Николе Сашо Велковски, тоа за населението на Свети Николе и населбите по течението на реката, во иднина значи сигурна заштита од поплави. Луиза Витон постојан претставник Амбасадор на УНДП, во изјавата што ја даде за новинарите на браната „Мавровица“ рече дека УНДП во изминатите две години во двете компоненти на Програмата, санација на транспортната инфраструктура и санација на водостопанската инфраструктура вложени се 3 односно 7 милиони евра на осум проекти во нашава земја. Повеќето проекти се целосно завршени, остануваат мал дел кој се во завршна фаза. УНДП и понатаму ќе подржува и финансира проекти од интерес за граѓаните на нашава земја. Покрај делегации од УНДП, Локалната самоуправа на општина Свети Николе, новинари, објектите ги посети и Бујар Османи Вице премиер за Евроинтеграции во Владата на Република Македонија.